Промоција на „Трофеј“ – автобиографска книга на Весна Петрушевска – Бејби

08.11.16

Издавачкиот центар ТРИ има чест да ве покани на еден од најинтересните настани на македонската книжевна сцена оваа есен: промоција на автобиографската книга на познатата Весна Петрушевска – Бејби насловена како „Трофеј“. Популарната актерка и водителка за првпат ѝ се обраќа на јавноста преку книга во која пишува за драматични настани од својот живот и раскажува анегдоти кои истовремено ќе го развеселат, но и растажат секој читател.

Весна Петрушевска е една од најпознатите личности на македонската културна и забавна сцена: има одиграно околу 70 улоги, 10 години е автор и водител на познатото шоу Вртелешка. Добитник на многу награди кои, патем, никогаш не ги споменува, важи за лик што го игра она што вистински ќе го посака. Во својата кариера има дури две монодрами (од кругови блиски на Весна дознаваме дека тоа е последица од многу зборување сама со себе од најрана возраст). Сака да истражува најразлични сценски жанрови, па ќе почне да настапува и како стендап комичарка, од мака и пуста желба да насмее некого кога е таа проклето тажна.

„Трофеј“ е една неверојатно искрена и трогателна исповед преку која Весна ќе ја запознаеме во различни аспекти на нејзината личност од минатото и сегашноста: како машкуданесто девојче, како актерка по вокација која никогаш нема да се пензионира, ТВ-водителка, стендап комичарка, ќерка и сестра, дваесет и четиричасовна мајка и пријателка, домаќинка... Но, пред сè, како човек со големо срце. Во својот книжевен првенец, Весна го распостила пред нас својот живот исткаен од спомени и надежи, солзи и радости, падови и подеми. Без разубавувања и задршки, без цензура.

Промоцијата на оваа извонредна автобиографија ќе се одржи во среда, 09.11.2016 година, во Хотел Парк, со почеток во 19 часот. Промотор на книгата ќе биде Игор Џамбазов.  

« Назад