Транзицијата низ метафората на козите

07.10.16

(Кон романот Враќањето на козите од Луан Старова, издание на Три, 2016)

 

Во претходните осврти често зборував за книжевноста на младите писатели и за шансите што ним им се пружаат преку глобалната книжевна индустрија. Нивниот пробив на меѓународната сцена е мотор за македонската книжевност и култура. Истовремено со подршката за младите автори, нашата културна политика треба да има изградено (различна) стратегија и за негувањето и пласманот на барем уште две категории писатели. Едни се класиците на книжевноста: Рацин, Конески, Шопов, Чинго. Минати и починати великани на книжевноста чие дело е завршено. И втората категорија се бардовите на македонската книжевност. Тоа се оние писатели чиишто вредности се докажани, кои сè уште континуирано творат и кои се потпора за реномето на сегашната книжевност и на надоаѓачкиот бран млади писатели. Тоа се писатели како Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Луан Старова, Оливера Николова. Многумина од бардовите имаат меѓународна слава и без разлика на сегашните стратегии на пласман и подршка. Таа најчесто се должи на воспоставени соработки и интерес уште од времето пред транзицијата. Но осмислениот начин на нивната презентација во странство е повеќе во прилог на реномето на општата македонска култура, отколку на нивните индивидуални вредности како творци. Во интерес на книгата што во овој наврат сакаме да ја претставиме нема да продолжиме со елаборација на темата на презентацијата на македонската литература во странство. Само повторно ќе го нагласиме недостатокот на првиот чекор. Приемот, рецепцијата, создавањето вест на домашната сцена дека ново и квалитетно книжевно дело е создадено. Ако го нагласиме и аргументираме тој факт дома, со неколку книжевни рецензии и осврти, пласирањето на аргументите надвор ќе биде дури и полесниот чекор.

Во таа смисла, млак беше одѕивот во јавноста дека Луан Старова напиша продолжение на романот што го прослави, Времето на козите. И дека Враќањето на козите не само што е успешно продолжение, кажано со речникот на современата книжевна индустрија, каде што серијалот е една од највносните книжевни форми. Туку и дека е еден од подобрите романи напишани во последните неколку години. Во Враќањето на козите Луан Старова покажува голема умешност да вплете неколку различни книжевни стратегии и пристапи кон романескниот облик, а притоа да го задржи својот авторски стил. Обележје на тој стил е разбирлива, едноставна реченица и линеарно сиже преку кој се раскажува приказната.


Книга за книгата


Како кај ретко кој македонски автор во овој роман има силен т.н. автореференцијален, односно автометатекстуален слој. Авторот решил тој самиот да биде главен лик и раскажувач во романот. Во таа смисла тој романот го почнува како роман за романот, со богат автобиографски слој и со книжевна ситуација која се занимава со успехот на претходниот роман, Времето на козите, со неговата книжевна слава и со книжевната и политичка биографија на авторот. Авторот прераскажува или наведува низа цитати за приемот на неговата книга, ги пренесува оценките за нејзините вредности и семантички слоеви, за одекот пред сè во Франција, за меѓународната читателска публика, за односот кон другите книжевни дела, за книжевните и духовните традиции (на „животниската“, „козјата“)на кои се надоврзува романот. Писателот е исправен пред големата поетичка, но и интелектуална дилема. Не само како да напише ново квалитетно дело, туку и како да се постави кон современата социо-политичка ситуација, како да ги изрази маките и дилемите на времето? Ако успеал сликовито, со метафори кои досегаат до универзалното, да го прикаже карактерот на едно минато време (Законот за забрана на козите и нивното уништување во Македонија) како сега да пишува за нешто што актуелно ни се случува? Тоа заради немањето историска дистанца е ѓаволски тешка задача.

Вметнувањето на овој писателски, интелектуален и поетички слој е голем предизвик. Може да го направи романот сосема нечитлив за пошироката публика. Тоа им се има случено на многумина модерни и постмодерни писатели, и во Македонија и во светот, чијшто дела се податливи само за една тесна специјалистичка елита. Но, Луан Старова, таа стапица, успешно ја избегнува. Иако овој почетен дел од романот, поради својот есеистички, автопоетички пристап е најнеподатлив за читање, ја успорува приказната и го одолговлекува соживувањето со фикционалноста, со приказната и ликовите. Но ова е само нијанса, зашто Луан Старова, користи елементи од еден стар книжевен жанр што ја овозможува рецепцијата. Се работи за стариот римски жанр сотија, во кој главниот лик, писателот, се прави малу недоветен. Се прикажува себеси понеинтелигентен, понемоќен, поглупав отколку што е. Работите ги претставува од т.н. жабја перспектива. Ги соголува битните моменти во приказната и ги поставува клучните интелектуални, етички, политички дилеми најчесто во прашална форма, или без свој експлицитен коментар, оставајќи конците да ги поврзе читателот, и тој да ги донесе судовите, коишто авторот ги пласира, па дури би рекле и вешто ги сугерира.

Така, главниот лик, писателот е малку изненаден од приемот на своето дело и својата книжевна слава. Најчесто со претерана позитивност ги слика останатите ликови, претседателот на Републиката, славните француски интелектуалци, политичари и козари, но не престанува да се чуди зошто баш него му посветуваат толку многу внимание, зошто баш тој е повикан, безмалу да го спаси светот, односно европската иднина на Македонија, и македонската иднина на европските кози.

Откако ја поставува вака метакнижевната рамка на романот, Старова го продолжува раскажувањето како своевидна политичка автобиографија, при што книжевниот слој му отстапува простор на политичко-дипломатскиот. Не отстапувајќи од иронискиот пристап, тој дава доста детали (останува некоја пообемна студија да го анализира историскиот наспроти фикционалниот елемент) за политичката судбина на Македонија, за неизвесноста на нејзиното меѓународно признавање и за подобрувањето на дипломатските врски и политичките пријателства на европско ниво.

Следејќи ги законитостите на жанрот сотија, нараторот продолжува да се прави недоветен и не може да сфати зошто, врз база на неговиот роман, се покренува еден поединечен економски проект – обновувањето на козарството во Македонија и развој на козарската индустрија – преку кој треба да се прекрши клучното прашање за опстанокот на земјата, нејзината европска релевантност и нејзиното прифаќање во кругот на европските народи. Секако, надвор од жанрот, книгата може да се чита и како мала студија на случај од областа на дипломатијата. Особено за моќта на културната дипломатија и улогата на културата во социо-економскиот развој, прашања што се во центарот на актуелните трендови во културологијата и културните политики.

 

Смарт или еко капитализам?


Во својата кулминација романот успева да ги долови двата главни трендови на модерната глобална економија. Преку ликовите на двајцата француски козари, харизматичните Андре Декостер и Жан Домек, Луан Старова умешно ги слика актуелните светогледи на светскиот капитализам. Од една страна њу ејџ трендот на радикалните зелени, еколошки, хумани и фер, алтеркапиталистички економски политики кои ги застапува робусниот Домек. И од друга страна глобално вмрежените, до совршенство развиените капацитети на современото индустриско производство.

Завршницата на романот Луан Старова ја пласира како политичка гротеска. Ги отфрла благите ирониски метафори на сотијата и козериски сурово, со голем критички набој ја раскринкува македонската политичка глупост, балкански неуспешната кохабитација, кратковидоста на недозреаните политичари, поради кој проектот за обнова на козарската индустрија и силната дипломатска мисија завршува среде неинтелигентните, алчни, игнорантни , транзициски мафијаши преслечени во руво на слаткоречиви бизнисмени. Одбраното стадо кози, пред очите на очајните француски експерти и немоќни дипломати е распродадено наоколу, иако донација, без да му се знае трагата.

Отвореноста на метафоричниот крај во првиот роман, Времето на козите, којшто навестува враќање на козите, и кој автопоетично се загатнува на почетокот на продолжението на романот, авторот, со голема интелектуална резигнација, сосема го затвора – козите немаат иднина во транзициска Македонија. Земјата ја прокоцкува својата историска шанса. Суровоста на сталинистичкиот систем се заменува со циничната суровост на транзициската корупција.

Стилскиот пристап „Се смеам, а ми се плаче“ и „ќе беше смешно да не е тажно“ го прави делото читливо. Но Луан Старова упатува силна интелектуална критика. Со овој роман тивкиот и ведар писател им одговара на сите кои прашуваат за молкот на македонските интелектуалци. Игнорантството со кое беше пречекана оваа книга ја префрла топката на другата страна кај потесната и пошироката јавност – читаме ли воопшто нешто, работиме ли на подобрување на сопствената духовност, можеме ли да „свариме“ нешто повеќе од дневно-политички коментари и фејсбук статуси?

Автор: Роберт Алаѓозовски
Извор: Економија и бизнис  

« Назад