„Сеиобо таму долу“ од Ласло Краснахоркаи

17.1.17

Во 1999 година, непосредно пред Ласло Краснахоркаи да го доживее своето англиско деби со „Меланхолија на отпорот“, Сузан Зонтаг на овој автор му ја упати веројатно првата исклучително пофална критика на англиски јазик, нарекувајќи го „современ унгарски мајстор на апокалипсата“ и споредувајќи го со великаните од деветнаесеттиот век, Гогољ и Мелвил. Мошне мал број романсиери се толку естетски оригинални и визионерски насочени, а овој комплексен автор со секое наредно дело придодава кон таа цврста основа. Со право беше наречен раскажувач од кафкијански ков, кој од комунистичките искуства на Унгарија плете клаустрофобични сказни за единки лишени од Бога и препуштени на силите на хаосот.

Набрзо откако го издаде првиот роман на Краснахоркаи, „Сатанско танго“ (1985), американскиот издавач „Њу дирекшен“ го објави и неговото дело „Сеиобо таму долу“ (2008). Низ призмата на една целосно задоволителна уметничка еволуција, тоа покажува дека авторот ја проширува својата темелна опсесија со тетеравењата на човештвото меѓу цивилизацијата и анархијата, која наедно ја експандира доволно за да биде во состојба да опфати нови месности и временски периоди.

Во „Сеиобо“ сведочиме како мрачните и каприциозни тонови на раните романи на Краснахоркаи бидуваат ревитализирани со балсамот на силен уметнички изблик. Овој фрагментиран роман се распостила преку седумнаесет поглавја, секое од нив нумерирано според низата на Фибоначи, почнувајќи со 1 и завршувајќи со 2584. Оваа математичка алузија е пригодна: Токму како што низата на Фибоначи ги доведува во рамнотежа таинствените длабочини на теоријата на броевите преку едноставната, убава спирала што ја исцртува, така и „Сеиобо“ посочува методи преку кои луѓето своите приземни животи можат да ги преобразат и пренесат во безвременоста на божественото. Иако секое поединечно поглавје претставува сосема различно место, време и сценарио, сепак, секое од нив е несомнено дел од дејството кое се одвива по нагорната спирала по која човечката цивилизација се движи уште од времето на Старите Грци. Со два бележити исклучока, сите приказни се сосредоточени на нешто што служи како инспирација за човештвото – како што се отежнатиот од патос израз на но-маската, очите на дрвениот Буда, средновековното платно насликано со грчки мит, Милоска Венера, или пак последните зборови на протераниот уметник.  

Она што ги обединува овие навидум неспоиви сказни е прашањето зошто големите уметнички и религиски традиции на светот ни оставиле такви бесценети артефакти, во чие присуство доживуваме искуство на трансценденција? Краснахоркаиевите описи на хаосот и пропаѓањето, кои управуваат со нашиот свет, недвосмислено ја осветлуваат кревкоста на овие предмети, кои се често изработени само од дрво и боја. Но неговите описи на мирот што тие се во состојба да го влеат е еднакво убедливо сведоштво за нивната вредност. Оваа книга е, всушност, една елоквентна апологија на великите уметнички и духовни артефакти во времето кога светот е толку излуден по науката и технологијата. 

Она што во „Сеиобо“ е најоригинално и најмоќно е токму сосредочувањето на искуствата кои обичните мажи и жени ги доживуваат во допир со овие артефакти. Краснахоркаи често дава подробни описи на нивното создавање и грижливо сочувување низ вековите. Искусен и умешен истражувач, тој создава реалистични сцени испреплетени околу опскурните ритуали на една јапонска секта, околу главниот мајстор во една ренесансна работилница, еден турист на Акропол и еден очаен европски сликар на преминот меѓу вековите. Тој ја покажува и својата сувереност над раскажувачките техники преку приказните кои се движат од луди монолози до тивки, задлабочени размислувања, преку досетливото ползување на непристрасно трето лице, па дури и со есеистичкото поглавје посветено на палатата Алхамбра во Шпанија – додека секоја од овие творби е потполно заокружена и доволна сама по себе.

Краснахоркаи има 62 години. Да го оставеше перото кога ја заврши „Сеиобо“, таа книга ќе претставуваше величествен преглед на една, по многу нешта единствена, кариера во современата книжевност. Меѓутоа, тој продолжува да пишува, па меѓу другото, ги објави извонредната „Животнотооднатре“ (2010) и една збирка раскази. Токму како што ги проголтаа романите на Роберто Болањо штом тие станаа достапни, така читателите треба да се соберат и околку ова, кое е несомнено уште едно големо дело на светската книжевност.

Вашингтон пост, 3.12.2013

« Назад