Рецензија за романот „Еретички писма или Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ од Стефан Марковски

17.5.18

Романот Еретички писма, со поднаслов Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено, од Стефан Марковски претставува пресвртнички чин во тековите на новата македонска проза.

Тој би можел да биде сведен на прозонема или роман во една реченица, или пак во роман-река што може да ги однесе во духовна поплава сите негови идни читатели, заедно со авторот.

Романот Еретички писма на младиот Стефан Марковски ме потсети на мојата младост во осумдесеттите години од XX век, годините кои, како што е познато, го предизвикаа разгромот на Железната завеса и падот на Берлинскиот ѕид. Имено, во тоа време во Скопје престојуваше авторот Владимир Дедиер, по повод издавањето на славниот трет том од Прилози за биографијата на Ј. Б. Тито. Иако таа книга не ја виде светлината на денот, светол миг во моите разговори со него беше подготовката на меѓународниот проект Требник на еретиците, што заедно со Жан Пол Сартр го подготвуваа за Раселовиот суд. Требникот на еретиците требаше да ги опфати сите еретички имиња на европската и светската мисла, но за жал, и таа книга никогаш не ја виде светлината на денот. Значи, останува да заклучиме дека најубавата книга за ересот е книгата што никогаш нема да биде напишана, слична на македонскиот средновековен апокриф: „Ако тргнеш да ја бараш вистината за сликата на историјата, на тој пат ќе бидеш осамен, опкружен со волци што молчат!“

Стефан Марковски со романот Еретички писма, поделен во шест поглавја: Ерос, Лудус, Манија, Сторге, Прагма и Агапе, низ алогичка експлозија го негира феноменот на тишината и успева да нѐ воведе во наративот на прозната замка, во која Божествениот Еретик е поставен на столбовите на дефиницијата дека „Убавината не се создава, таа се живее“.

Би можело да се рече дека неговиот книжевен Sui generis извор е Борхесовото дека литературата се раѓа само од литература, и точниот број на наслови што авторот ни го наведува: 8.500 книги распоредени на 28 полици од таканаречената Таткова библиотека, кон која Изгубениот син може слободно да ги повтори познатите реченици од Новиот завет: „Боже, Боже, зошто ме остави...“

Главниот јунак Максим Комнениус се движи во сферите на духовниот идеализам во изработката на скулптурата која би била метафора за модерниот човек во современата слика на Глобалниот терор, меѓу можноста да се биде сериски убиец на сѐ што ја загрозува човечката надеж, или пак да се трага по можноста за едно торзо кое би личело на Адам од Говрлево, праисториски херој од македонскиот неолит, кој би можел да биде повторно извајан од некој нов Фидиј, од мермерните наоѓалишта, како остаток од Божјата совест, кога Бог ги создавал Човекот и Светот.

Овде може да се употреби и заклучната синтагма за овој роман на Марковски, низ прашањето до митскиот скулптор: „Како стигнувате до веродостојноста на вашите лавови?“ Одговорот гласел: „Прво се соочувам со грамада камења, а потоа го отфрлам сѐ она што не личи на лав!“

Еретичките писма на Марковски се слична акција во однос на отфрлањето на сѐ што не би личело на ерес и со нив во македонската проза се буди духот на пророштвото на еден човек со пресечен јазик во Тајната книга на богомилите, првата интелектуална револуција на Европа во средниот век, која и до ден-денес го бара и никако да го најде одговорот на прашањето: „За колку време Господ му ја издаде под кирија на Ѓаволот планетата Земја?“  

 

Јордан Плевнеш

« Назад