Лакомост кон пишаниот збор – зошто оваа година да се стремиме да прочитаме повеќе книги

11.1.17


Зошто да се заморувате со повеќе читање?

Сигурно сте забележале една од оние реклами каде некоја славна личност седи крај куп книги кои не ги прочитала и ви вели дека треба повеќе да читате. Иако со самата порака можеме лесно да се согласиме, таквите огласи земаат здраво за готово дека препораката за повеќе читање е сосем доволна навистина и да ве убеди дека тоа е важно за вас.

Пасионираните љубители на пишаниот збор обично читаат од педесет до седумдесет книги годишно, и веруваат дека тоа е најдоброто вложување на пари и време кое постои. Сепак, многумина од нив не го посветувале отсекогаш своето слободно време на читањето, туку можеби до неодамна годишно читале само по четири-пет книги кои не им биле неопходни во рамките на образовниот процес. Решителноста да изградат цврста навика за читање повеќе книги веројатно се родила од увереноста во благодатите што ги носи посветеното читање. Еве неколку причини зошто почесто да се дружите со книгата:

  1. Знаење. Доволно е да прочитате од десет до дваесет книги од одредено подрачје за да научите за таа тема повеќе од мнозинството луѓе. Прочитајте двесте-триста книги на одредена тема и веќе сте стручњак во областа.
     
  2. Проток на идеи. За разлика од пасивната дејност на гледање телевизија, читањето бара ментален напор. Менталниот напор, пак, резултира со остар и агилен ум.
     
  3. Самоподобрување. Книгите од библиотеката за самопомош не се единствените што можат да ви дадат идеи за усовршување. Значајните дела од областа на белетристиката, книгите посветени на науката, културата и филозофијата се полни со идеи кои не можете да ги стекнете просто површно разгледувајќи онлајн-статии.
     
  4. Проширување на свеста. Што се случува во светот? Кои трендови ќе доминираат во иднина? Кон каде се движи светот? За жал, доколку само кликате со далечинското по разни телевизиски канали за вести, поголема е веројaтност дека ќе дознаете нешто за најновите бизарности од животот на Бритни Спирс отколку дека ќе стекнете опфатни сознанија за светските состојби.
     
  5. Моќ. Незнаењето не е блаженство. Не можете да промените нешто за што ништо не знаете. Учењето за себеси, за науката, културата и светот во целина ви ја дава моќта која на повеќето луѓе им недостига – проширена свест.
     
  6. Гордост. Ова не е баш најблагородната благодат што читањето ја носи, но сепак е придобивка. Читањето на дела од класичната книжевност ви ја дава способноста да знаете за што зборуваат луѓето кога се повикуваат на идеи како што е „двомисла“, или кога го цитираат Шекспир.
     
  7. Промена на перспективата. Оваа придобивка потешко се согледува и веројатно ќе биде неопходно да прочитате барем неколку десетици книги за да ја оживеете. Сепак, останува фактот дека читањето добри книги може потполно да го смени вашиот светоглед. Книгите ве принудуваат да мислите, па иако можеби сметате дека во таа област веќе добро се снаоѓате, тие сепак можат да ве поттикнат да размислувате на начини кои претходно воопшто не сте ги земале предвид.
     

Постојат уште многу други причини за читање, а секогаш е добро и самите да осмислите неколку. Но не е доволна самата желба да читате повеќе (како и желбата да вежбате, да пиете помалку или да добиете унапредување). Читањето повеќе книги бара создавање цврсти навики, така за да стане попрво автоматска дејност отколку должност.

(продолжува)

« Назад