ПЛАНИРАЊЕТО КАКО СИГУРЕН ПАТ ДО УСПЕХ

11.9.18

Планирањето и организирањето се едни од најважните когнитивни функции што се развиваат кај детето. Способноста за управување со времето е тесно поврзана со одговорноста и исполнителноста ‒ завршувањето на обврските и на домашните задачи, следењето на правилата, грижата за сопствените работи или, накратко, за успешно остварување на целите. Познато е дека овие функции се оформуваат уште во најраното детство и се развиваат во текот на целиот живот. За нивно усовршување потребен е подолг период и затоа од голема важност е на децата да им се обезбеди цврста основа за нивно учење уште во најраните години. 

Најлесен начин за развивање на овие способности е користењето на внимателно избрани вежби кои  го поттикнуваат детето да си поставува прашања, да запишува, да ги дели задачите и да создава остварлив распоред за секоја активност. Токму планерите се една таква моќна алатка која помага да се научат овие организациски способности. Користењето на планерот може да им помогне на децата и на младите да надминат одредени тешкотии, а на родителите им овозможува континуирано да го следат нивниот напредок. Со помош на планерот може да го научите своето дете да се организира и да биде поуспешно, бидејќи планирањето ги намалува стресот и неефикасните навики, а наедно ја зголемува продуктивноста и го учи вашето дете на животни вештини што ќе му бидат корисни и сега и во иднина.

„Планум приказна“ е еден таков оригинален прирачник, дневник, потсетник, организатор и мотиватор во кој се обработуваат различни теми од интерес за (нај)младите. Преку конципиран процес на планирање и освестување на личните афинитети и квалитети, ги поттикнува и родителите и децата да зборуваат отворено за желбите, потребите, плановите, стравовите и дилемите. Со „Планум приказна“ ќе можете да откриете нови таленти и вештини кај своето дете, да ја развиете креативноста низ забава, да поставите цели за идни врвни достигнувања, да создавате здрави навики, да ги поттикнете да градат здрави односи со врсниците.

Кога вашето дете ќе ја совлада уметноста на планирањето, ќе се развие во одговорна, свесна и отворена личност подготвена да го планира успехот. Затоа бидете му добар пример и направете го планирањето забавна семејна активност.

 

« Назад