Промоција на книга за Шопен од Даница Стојанова

07.3.17

Повелете на 9 март, во Клубот на МКЦ, во 19.30 часот, на промоција на „Фредерик Шопен – поетот на музиката“, чиј автор е македонската уметница, пијанистката Даница Стојанова, во издание на ПАБЛИШЕР.

– Книгата е наменета за сите млади уметници кои го изучуваат пијаното, но е напишана така да биде достапна и за широката читачка публика, за сите вљубеници во најубавата уметност –музиката – вели професорката Стојанова.

Шопен бил вистинско чудо од дете – на шест години ги напишал првите стихови и ги компонирал своите први дела за пијано, а на осум го имал првиот концертен настап и бил наречен „вистински музички гениј“. Речиси сите негови дела се напишани за пијано – во текот на неговиот кус но богат живот пијаното му е неразделен другар и најдобро ги разбира и изразува неговите емоции. Бил вистински волшебник на пијаното и додека свирел личел на маѓепсник кој сонува, на привидение создадено од самата музика.

„Шопен не е само виртуоз туку, исто така, е и поет, неговата музика ја рефлектира поезијата на неговата душа. Начинот на кој свири на пијаното е единствено и неспоредливо со ниедно друго задоволство“, рекол Хајне. Според него, вистинската татковина на Шопен е царството на поезијата и тој е уметник на универзумот.

Денес музиката на Фредерик Шопен ја распостила пред нас сета убавина и музичка поезија која неговите современици не можеле докрај да ја предвидат. Неговата музика е мост што ја поврзува Полска со светот, а сите нас нè облагородува со своето богатство со кое бесконечно нè задолжи.

« Назад