По „Покорување“, Уелбек се јавува со тажен осврт на современа Франција

01.3.19

По „Покорување“, Уелбек се јавува со тажен осврт на современа Франција

Мишел Уелбек со право се смета за еден од најинтересните писатели на денешницата. „Серотонин“, неговиот седми роман, беше објавен во Франција минатиот петок со почетен тираж од 320.000 примероци, а оваа недела беше објавен и на германски, италијански и шпански.

Уелбек честопати покажува тревожна далековидост во своето творештво. „Покорување“, што предвиди дека Франција се покорува на исламот во 2022 година, беше објавена истиот ден кога беше нападнат весникот „Шарл Ебдо“ во 2015 година.

Оттогаш, тој го одбегнуваше медиумското појавување, иако неодамна објави контроверзна статија во списанието „Харпер“ нарекувајќи  го Трамп најдобриот американски претседател, Европа глупава идеја што се претворила во лош сон, а Брегзит храбар. Есента, на доделувањето на наградата „Освалд Шпенглер“, песимистичкиот автор на „Залезот на Западот“, Уелбек изјави дека Франција не врши самоубиство бидејќи е веќе убиена од ЕУ.

„Серотонин“ веќе беше поздравен како роман за „жолтите елеци“ уште пред настанот. Во една од главните сцени очајните земјоделци, тешко вооружени, ја блокираат крстосницата на автопатот А-13 Каен–Париз, палејќи ги земјоделските машини – и 11 луѓе загинуваат при пресметката со полицијата.

Романот го изразува гневот на француските земјоделци кои се принудени сѐ повеќе да ја напуштаат земјата поради невозможното исполнување на стандардите за индустриско земјоделство, изложени на глобализираниот слободен пазар.

Сепак, оваа полемичка компонента не е целосно интегрирана во вообичаената приказна на Уелбек за зрелиот човек за когошто ништо не е поважно од изгубениот еротски занес.

Нараторот Флоран-Клод Лабруст, кој го мрази своето китнесто име, е 46-годишник препуштен на судбината; тој е уште едно алтер его на Уелбек, единственото дете на родителите кои извршиле заедничко самоубиство. Како и Уелбек, и тој поседува диплома по земјоделство. Првично работел во компанијата за агрохемија и биотехнологија „Монсанто“, а потоа се приклучил на регионалната управа за земјоделство во Нормандија, работејќи на промовирање на локалните француски сирења.

Сега, длабоко депримиран, Лабруст го анализира својот живот, чувствувајќи дека му завршил на секој фронт. Ја прекинува врската со својата дваесет години помлада девојка, Јапонка по име Јузу, за која почнува да мисли дека е отровен пајак која му го цица животот. Ја напушта работата и станот во Париз, па се сместува во хотел во кој сѐ уште има соби за пушење.

Лекарот му препишува антидепресив од новата генерација наречен капторикс, кој го зголемува излачувањето на серотонинот и го стабилизира неговиот живот така што може да се одржува чист и донекаде функционален. Но цената е импотентност, живот без либидо. Ние го следиме таквиот негов живот во текот на неколку недели, кога се враќа во Нормандија за да го посети Емрик, најдобриот пријател од факултетските денови, аристократ и земјопоседник кој се обидел да стане добар земјоделец, но напуштен од сопругата и ќерката, сега е уништен, алкохоличар и со самоубиствени намери; и за да открие што се случило со Камиј, жената која на деветнаесет години му била најголемата љубов...

Луѓето на умирање сакаат да ги видат, за последен пат, оние што имале важна улога во нивниот живот, забележува Уелбек – па затоа организира нешто што го нарекува „мини-церемонијал за збогување со моето либидо или, да бидеме поконкретни, со мојот патлак, во мигот кога тој почна да ми навестува дека се подготвува да ја заврши својата служба; посакав да ги видам уште еднаш сите жени што го чествувале, што го сакале на свој начин“. Тој знаел што е тоа љубов и среќа, но предаден од нив, заслужува смрт.

Ја наоѓа Камиј, ветеринар и самохрана мајка на мало момче, ја следи откривајќи дека воопшто не се сменила и дека на 35 години сѐ уште ја поседува машкуданестата привлечност што ја имала кога се запознале. Тој ни открива дека раскинале кога добил ужасна идеја да има секс со црната британска колешка со голем задник и кога Камиј ги фатила, најлошиот момент во неговиот живот. И така завршил сам, во хотелската соба, јадејќи хумус додека неговиот сентиментален живот се свел на содржината на неговиот „мекбук ер“.

Ова е уште еден лик на Уелбек кој романтично инсистира дека, во овој безмилосен свет, љубовта е единственото нешто што вреди, додека се фокусира на сексуално и орално задоволување. Во длабокиот последен параграф дури и го повикува Христос, огорчен од стврднувањата на срцата.

Уште едно дело во веќе познатиот стил на Уелбек, „Серотонин“ опасно се приближува кон самопародија, движејќи се меѓу имињата на брендови и убедливото генерализирање, возбудливо во својот нихилизам, често многу смешно и секогаш пријатно, а сега и совршено стилизирано. Сепак, гневот што го изразува поради уништувањето на онаа Франција што ја сака, ја доловува самата суштина, искажувајќи го длабокиот очај за она што се случува во моментот.

Нема британски еквивалент на Уелбек. Со години избегнуван од француските власти, сега тој е целосно прифатен од нив. На Нова година без посебен повод му беше доделено највисокото француско признание „Легија на честа“.

 

 

Извор: Стандард - https://www.standard.co.uk/lifestyle/books/serotonine-by-michel-houellebecq-review-a4035126.html

« Назад