ИНТЕРВЈУ СО НИЛ ДОНАЛД ВОЛШ, ЧОВЕКОТ КОЈ ТВРДИ ДЕКА РАЗГОВАРА СО БОГА

13.4.18

„Го прашав зошто ми е животот за никаде, а Тој ми одговори. Така почна сѐ!“  вели Нил Доналд Волш, човекот кој тврди дека разговара со Бога. И на таа тема продаде милиони книги низ целиот свет. Според тоа колку чинат влезниците за неговите говори, многумина веруваат дека тој има да им каже нешто автентично.

Бог зборува преку секого од нас

На прашањето зошто луѓето доаѓаат да го слушаат, што им зборува, а што го прави толку популарен, Волш едноставно одговара: „Затоа што им зборувам за работи кои се лесно разбирливи. Бидејќи не мораат да седат три часа обидувајќи се да разберат нешто многу сложено. Јас, всушност, го кажувам она што другите веќе го знаат, никого не изненадувам со моите зборови. А луѓето внимателно слушаат и само кимаат со главите“.

За среќа, тој не тврди дека има ексклузивна врска со Бога: „Бог зборува преку секого од нас. Му се обраќа секому од нас. И на добрите и на лошите, и на светците и на грешните. Прашањето е дали луѓето го разбираат, дали го слушаат. Сигурен сум дека Бог ви се појавил на многу начини, прашањето е дали сте го препознале. Го знаете она: Кога ученикот е подготвен, тогаш и учителот се појавува“.

Во детството сакал да биде свештеник. Пораснал во католичко семејство, но стравот од Бога, кој му го всадила црквата, го натерал да го проучува протестантизмот, потоа будизмот, хиндуизмот... Работел како радиски водител, уредник, ги менувал професиите, градовите, се барал себеси. Домот му бил уништен од пожар, бракот му се распаднал, доживеал несреќа во која го скршил вратот. Потоа останал и без работа. Завршил на улица. Станал бездомник. Живеел во шатор, собирал пластични шишиња, бил психички истоштен, лут, огорчен на светот, разочаран во себе и во другите...

„Целиот живот ми изгледаше како пораз, на сите полиња бев на дното. Во тоа време понекогаш пишував писма кои не ги праќав, им пишував на вистински или измислени личности за кои мислев дека ме мачат, дека ми се виновни за нешто... Еден ден бев во толку лоша состојба што одлучив да му напишам писмо на оној за кој мислев дека е најголемиот виновник за сѐ – на Бога. Го прашав зошто животот ми е постојана борба, борба за љубов, борба за пари, борба за сигурност, борба за работа... и зошто во ништо не сум успешен. А потоа моливот почна сам да се движи, како некој да ми ги диктираше одговорите на сите мои прашања.

Тие пораки ги слушав во својата глава. Прашував и одговорот веднаш стигнуваше. И така почнав да ги запишувам своите прашања и Неговите одговори. Во тоа време не помислував дека од таа содржина би можел да издавам книги.“

 

„Напиши книга“

„Во еден од тие разговори со Бога ми беше кажано да напишам книга. Тогаш сфатив дека тие пораки не се само за мене, туку за сите луѓе“, вели Нил Доналд Волш.

И така, веќе со години, од почетокот на 90-тите, Волш  ги забележува тие разговори, пишува книги. Првата книга од серијата „Разговори со бога“ само во Америка се продаде во милионски тиражи, а на списокот на бестселери на Њујорк тајмс се задржа цели 123 недели.

Потоа е преведена низ целиот свет. Волш тогаш бил на почетокот...

Оттогаш не престанал да пишува.

 

На светот му треба нова парадигма

Зошто луѓето се несреќни, зошто влегуваат во болни конфликти со себе и со другите?

„Луѓето се несреќни бидејќи мислат дека се одвоени од светот, од другите, дека се одвоени од Бога. Кога ќе сфатат дека не се одвоени, дека, всушност, сите сме едно, погледот на животот се менува, а потоа се менуваат и односите, стануваат помеки, поблагородни, смирувачки. Кога на другите ќе почнете да им го посакувате истото што и себеси, кога ќе сфатите дека сте поврзани со нив, дека не сте ниту подобри ниту полоши, дека не сте ниту сами ниту одвоени, ќе почнете поинаку да гледате на животот. На светот му треба нова парадигма, парадигма на поврзаност. Сите луѓе се дел од истото семејство, па она што не му го посакувате на своето семејство, не посакувајте им го ни на другите“, вели Волш, па додава:

„Светските религии ги разделуваат луѓето. Ги делат на Евреи, муслимани, христијани, будисти и така натаму... Имаат добри намери, но прават погрешни работи.“

Што му рекол Бог тогаш кога бил очаен и лут?

„Бог ми рече: Нил, твојот живот не ти е даден заради тебе. Знам дека мислиш дека тој треба да биде концентриран на тебе и дека јас, како Бог, треба да ти помогнам да ги решиш своите љубовни проблеми, своите станбени проблеми. Но твојот живот нема никаква врска со тебе. Тој е целосно поврзан со сите со кои го делиш и со начинот на кој го делиш.“

« Назад