Најдобрите серијали: Книги што заслужуваат продолженија

04.10.18

Според истражувањата, децата треба да читаат четири или повеќе книги во текот на летото за да ги зачуваат и развијат јазичните вештини. Според истите истражувања, најдобар начин за да се исполни тоа е да се читаат серијали. Истото се однесува и за возрасните. Читањето серијали ни овозможува еден скалест пристап што ни помага да се чувствуваме сигурно и успешно.

Иако издаваштвото денес е соочено со голем број предизвици, некои книжевни серијали успеваат да го најдат патот до заинтересираната публика која со нетрпение го очекува секое ново продолжение. Сите ги знаеме култните серијали „Господарот на прстените“ или „Хари Потер“, кои ги читаа дури и оние кои немаат таква навика.

Брзиот технолошки напредок ни донесе многу погодности, но истовремено и нè презасити со разни содржини. Развивме навика во слободното време до бесконечност да прелистуваме информации по социјалните мрежи, наместо да превртуваме шушкави страници од книга. Проблемот главно не е во понудата, туку во тоа што луѓето не им даваат шанса на книгите и на приказните што се кријат во нив. Серијалите во минатото успешно ги поврзувале писателите со читателите, па затоа денес стануваат сѐ попопуларни, сметајќи дека повторно ќе го го постигнат тоа.

За да ги поттикнеме неодлучните да им дадат шанса на некои од извонредните книжевни серијали, ви претставуваме неколку од најпродаваните. Се работи за познати дела напишани од некои од најпознатите современи писатели. Тие веќе го поминаа тестот на милиони читатели. Откако ќе почнете со кој било од нив, нема веднаш да барате нова книга од друг автор, бидејќи знаете дека сакате да ги прочитате и следните две или повеќе од серијата.

 

#Милениум од Стиг Ларсон

Без претерување можеме да кажеме дека се работи за едно од најдобрите криминалистички дела создадени во последните неколку децении. Стиг Ларсон со својот вешт стил на пишување совршено ја долови студената скандинавска атмосфера, сликовитите ликови и приказната преполна со имагинација. Дејството го следи преплетувањето на животите на познатиот политички новинар Мајкл Блумквист и хакерката Лизбет Саландер, кои секогаш завршуваат во опасни и сложени ситуации.

Според серијата се снимени холивудски и шведски филмови, а за популарноста доволно зборува и фактот што излегоа уште две продолженија на книгата кои по смртта на Ларсон ги напиша Давид Лагеркранц (а уште едно е во најава).

 

#1Q84 од Харуки Мураками

Еден од најпознатите светски писатели ниту со оваа трилогија не ги разочара своите фанови. Познат по бизарните ситуации и ликови кои никако не успеваат да живеат среќен и едноставен живот, Мураками ни предава една неконвенционална љубовна приказна меѓу инструкторката по фитнес и професорот по математика кои животот ги раздвоил уште во детството.

Низ книгата ги следиме нивните животи и обидот за повторно поврзување, а за да не биде стереотипно и веќе видено, Мураками ја воведува и димензијата на паралелниот свет.

Ако порано не сте го читале Мураками, веројатно ќе ви биде потребно малку време да се навикнете на атмосферата и ликовите кои ги создава, но многу брзо ќе ви стане омилен.

 

#Тетралогијата Неаполски приказни од Елена Феранте

Сите кои ја следат книжевната сцена и културата слушнале за Елена Феранте. Се работи за еден од најголемите феномени во современото издаваштво. Феранте стана успешна и во Велика Британија и во САД, каде странските автори традиционално слабо се прифатени и многу ретко стануваат книжевни ѕвезди.

Сѐ што имаше да му каже на светот, му кажа во своите прекрасни книги за односите меѓу пријателките Лену и Лила, чии животи ги следиме од детството до зрелата доба, често не можејќи да поверуваме во писателскиот талент на Елена Феранте.

 

#Моја борба од Карл Уве Кнаусгор

Се работи за дело кое не е лесно четиво, но секој кој има каков било афинитет кон книжевноста би требало да го прочита. Приказната е навидум многу едноставна: Кнаусгор во шест книги го прераскажува својот живот, од ситуациите во кои се нашол до односите кои го дефинирале.

Иако се чини неверојатно, критиката и публиката станаа речиси опседнати со сѐ што тој ќе напише, а неколкуте илјади страници на кои е опишано неговото секојдневје се читаат во еден здив.

Токму со тоа Кнаусгор ја потврдува својата големина и доминација на книжевната сцена, на која и многу иновативни концепти тешко се пробиваат до публиката.

 

« Назад