Нежен роман за силни теми

06.2.18

Романот на Јагода Михајловска-Георгиева „Манастир Фуентерабија“ раскажува оригинална, несекојдневна приказна, сместена на едно специфично место (Фуентерабија во Шпанија), со силна универзална порака.

Млад размонашен монах заминува подалеку од своето братство, од својот манастир и своите браќа во Христа и барајќи се себеси се губи и наоѓа токму во Фуентерабија. Таму среќава жена, која исто така е дојденка и која исто како него својата планина, т.е. тежина ја носи со себе на бреговите на океанот. Михајловска-Георгиева е позната по своите раскошни описи и силни мисли, по градењето на еден или два силни лика носители на пораката („Каменот од Твојот ден“ и „Индиго Бомбај“), како и по беспоштедното втурнување на читателот во потрага по себеси.

Низ книгата шумоли и бревта океанот, вие длабочината, празнината, самотијата и осаменоста, се чуствуваат мирисите на местата и звукот на фадо музиката, гласот на Цезарија Евора и нејзината „Примавера“. Романот нуди доживување за сите сетила, олфакторна авантура во потрага по вистината. И ако во претходните книги авторката повеќе беше свртена кон Истокот и источните учења, овој пат е инспирирана од Западот, од христијанската мисла и подвигот на православните монаси. Интересен е и спојот на двете филозофии, на двата света, на посветеноста на Бога, љубовта и стравот од него, атеизмот и повторното наоѓање на вер(б)ата, како и клучното прашање – дали кога човек љуби може да ја сака само душата, а не и телото на другиот, и обратно? Приказната има предвидлив тек и крај, секвенци што се повторуваат и ја забавуваат нарацијата, но она што го држи читателот се деталните описи, неверојатната лиричност во прозниот исказ и длабоките мисли искажани (главно) преку двата главни лика.


Во 2012 година за збирката раскази „Дрско црвен кармин“ од Јагода Михајловска-Георгиева напишав: „...Kога станува збор за разоткривање на чувствата и нижење на деталите, стилот на оваа авторка е речиси оксиморонски, нежен и женствен, а сепак дрзок и директен, без штедење во откривањето на деталите и предизвикување емоционални реакции. Начинот на раскажување лесно поттикнува поистоветување со ликовите и сликовито претставување на сториите пред окото на читателот.“ (Дневник, 4 септември 2012). Се чини дека ова важи и за последното остварување на авторката.


Во време кога сè е трка и бркотница, кога ги мериме секундите, а потоа ги цепкаме за да стигнеме на повеќе места, губејќи и трпение и нерви за сè околу нас, „Манастир Фуентерабија“ повикува на целосно забавување, замислување и молитвено тихување пред сопственото „јас“. Ова е нежен роман за силни теми.


Александра Јуруковска 

Преземено од: Cooltura


« Назад