ЉУБОВОЛОГИЈА – ПОСТОЈАТ ЛИ СРОДНИ ДУШИ?

05.6.17

Иако никогаш не сум помислувал дека некогаш ќе пишувам за Том Круз, незаборавната изјава на еден лик што го глумеше го направи тоа неизбежно. Верувам дека многу жени се сеќаваат на моментот во филмот „Џери Мегваер“ кога по разговорот со Куба Гудинг Јуниор, нашиов Томче открива што е вистинска љубов. Тогаш го жегнува онаа исконска болка поради стравот дека може да ја изгуби, онака како што тоа го чувствуваат само глумците во просечните романтични комедии, па оди кај својата љубена и ѝ ги соопштува култните зборови: „Ти ме надополнуваш!“ Трогнати од љубовната изјава, жените занесено воздивнуваат, небаре тој восклик ја доловува вековната потрага по некого или нешто што ќе ги надополни. На лицето го имаат оној израз „Ах, конечно маж што нè разбира!“  

Овој инсерт со истиот интензитет го почувствувале многу жени низ целиот свет, а и понекој маж што не би го признал тоа дури ни на смртна постела. И додека многу циници извикале „Колку сладникава сцена!“ јас тука гледам само фатална заблуда.

Додека фаталните припадници на спротивниот пол вечно нè држат во исчекување што се граничи со незадоволство, фаталните уверувања нè принудуваат вечно да чукаме на погрешна врата, во исчекување на нешто што го нема таму. Имено, во историјата на човештвото никогаш не се случило една непотполна личност да го надополни својот партнер. Тогаш, зошто веруваме во тоа? Зошто ова верување е толку распространето? Одговорот е мошне едноставен – веруваме дека можеме да се почувствуваме потполни и цели, а партнерската љубов ја гледаме како најочигледното решение за поттикнување на тоа чувство. Во културата што нè учи да бараме сè надвор од себеси, сосема е логично мислењето дека дури и чувството на потполност може да ни го даде само некој друг.

Во што е суштината? Некои нешта можеме да си ги дадеме единствено самите ние. Трајното чувство на самовредност, како и чувството на целосност и смисла во животот... Овие нешта, но и многу други, е бесмислено да ги бараме од другите сè додека не ги почувствуваме за себе лично, зашто дури и некој да се обиде да ни ги пружи, нема никогаш да ни бидат доволни или едноставно нема да успееме да ги задржиме. Тоа е како да полните дупка без дно и потоа, по многу години пополнување на таа дупка, се чудите зошто во неа нема ништо. Познавам луѓе што и на педесет години сè уште бараат родителите да ги прифатат онакви какви што се, а бидејќи не го добиваат тоа, се чувствуваат непотполни и непризнати. Бидејќи нашите родители најчесто не успеваат да нè научат дека сме доволно добри сами по себе, обично таа потрага за потврда едноставно ја пренасочуваме кон некој друг. Кога не ја добиваме од своите родители, ја насочуваме кон своите партнери. Доколку не ја добиваме ни од нив, тогаш ја бараме од своите деца, пријатели или шефови. Не е воопшто важно за кого се работи, важно е само дека е погрешно, зашто таа потврда треба да ја бараме во огледалото. Залудно е да се бара нешто од другите кога тие не можат, а и не треба да ни го дадат. Сè додека бараме потврда или чувство на потполност од другите, нема да ги добиеме. Ова се однесува и на онаа класична идеја за сродната душа. 

Нели, наводно, секој има своја втора половина која, штом ќе ја запознае, доживува безмерна среќа и потполност. Кога ќе ја сретнеме сродната душа, универзумот ќе експлодира, љубовта ќе завладее со нашиот свет и повеќе ништо нема да биде исто. Нема веќе да се чувствуваме несакано, неспознаено, неразбрано – тој или таа ќе ги имаат вистинските одговорите на сите наши прашања и вистинските реакции на сите наши потреби. Камо сите да можевме да си најдеме по еден Томче.

Сега, откако одблиску се запознавме со бајките, да се запознаеме и со реалноста, бидејќи концептот на сродни души нема ама баш никаква врска со неа. Имено, единствената сродна душа што ја има секој од нас сме самите ние. Ние сме единственото суштество што може да се чувствува потполно и значајно. Не постои личност што може да ни го подари тоа чувство, што ќе ни ги открие убавините на светот и нашата сопствена убавина, доколку самите не сме свесни за тоа. Не постои, драги мои! И колку поскоро го прифатиме тоа, толку поскоро ќе почнеме да ги бараме вистинските нешта на вистинските места.

Зар не ви се смачи да ги влечете другите за ракав за да ви го дадат она што не можат и не треба да ви го дадат? И кога веќе оваа тактика е бескорисна, зар не е најпаметно да ја смените? Или сакате да изгубите уште некоја година трагајќи по разбирање од некој кој не се разбира ни самиот себе, во потрага по љубов од некој кој не се сака ни самиот себе, во потрага по прифаќање од страна на некој кој не се прифаќа ни самиот себе...

Гледате ли што е НЗС во сето ова? Да барате нешто што другите не можат и не треба да ви го дадат е исто како да барате заем од човек што банкротирал. Ми паѓа на памет уште еден филм со нашиот Томче – „Невозможна мисија“. Не е поентата во тоа дека тие не сакаат да ви ја дадат таа љубов или дека вие не заслужувате признание, туку дека ги барате на погрешно место. Сетете се на ова следниот пат кога ќе барате пофалба од родителите или разбирање од партнерот.

Задачата на другите не е да ве направат целосна личност. Тоа е ваша задача. Вие сте својата сродна душа! Вие имате пресудно влијание врз сопствениот живот. Ако од партнерот барате пофалби, ценење и прифаќање, а немате чувство дека ги добивате, логичен е само еден заклучок. Не се фалите доволно самите себе, не се цените доволно и не се прифаќате доволно и на тој начин сте привлекле партнер кој не знае да ве сака. Па тогаш бесмислено е од него да барате да ви ја пополни празнината што ја чувствувате поради вашиот нељубовен однос со самите себе! Не оди тоа така, драги мои.

Дури и во ситуациите кога ви даваат пофалба, кога ве прифаќаат онакви какви што сте, задоволството не ви трае долго, нели? Утредента во вас пак се буди она гладно чудовиште што бара уште признание, уште пофалби, уште разбирање и топлина... Така, дури и кога ќе го добиете од другите она што сте го посакувале, и натаму останувате незадоволни. А тоа е така затоа што прво вие самите треба да си го дадете. Треба да изградите однос со себеси што ќе ве учи да се сакате, да се прифаќате такви какви што сте, да настојувате да се разберете, и тогаш ќе нема потреба другите да ја пополнат празнината во вас – бидејќи веќе нема да ја чувствувате.

Сакате ли да ви кажам нешто иронично? Тогаш кога повеќе нема да ви требаат другите за да ви ја пополнат празнината, ќе почнат да се појавуваат луѓе што ќе ја слават вашата потполност! Во сјајот на сопствената потполност, вие самите ќе ги поканите во својот живот. А тоа што тогаш другите нема да ви бидат потребни во сизифовските обиди да си ја пополните празнината, не значи дека нема да уживате во нив. Напротив, токму тогаш вистински ќе уживате со другите, зашто повеќе нема да настојувате да играат погрешни улоги. Ќе бидете независни и зрели луѓе што уживаат во сопствената и во туѓата убавина. Можете ли да замислите една таква љубовна врска? Создајте ja, почнувајќи со спознавањето на љубовта кон себе!

Да, секој има своја сродна душа – самиот себе! Се залажуваме со мислењето дека врската со друг може да ни даде чувство на потполност и целосност. Се разбира, одвреме-навреме можеме да се почувствуваме исполнето и целосно покрај другиот, но прашање на време е кога таа илузија ќе ни се распрска в лице! Чувството на трајна сигурност и целосност мора да произлегува од нас самите и за нас самите! Секој друг начин на доаѓање до потполност има ограничен рок на траење!

   

 

 

 

 

« Назад