#FERRANTEFEVER: ТЕЛЕВИЗИСКА АДАПТАЦИЈА И НОВО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА МАКЕДОНСКИ

10.3.17

Италијанскиот режисер Саверио Костанцо ќе ја режира во 32 епизоди телевизиската адаптација на четиритомните Неаполски романи од писателката што твори под псевдонимот Елена Феранте. Наедно, ќе учествува и во пишувањето на сценариото во кое се очекува да даде придонес и самата Феранте. Во едно интервју тој вели дека најголемиот предизвик во адаптацијата на романите е „како кинематографски да се пренесат сите чувства од книгите“. Во духот на романите, серијата ќе се снима во Италија, на италијански јазик. Првата сезона ќе се емитува есента 2018 г. И покрај последната контроверзна вест дека е разгатнат идентитетот на анонимната писателка и дека наводно зад псевдонимот се крие италијанската книжевна преведувачка Анита Раџа, Констанцо вели дека не го засега нејзиното вистинското име, туку дека е важна нејзината книжевна стварност.

Неаполските романи ја разбрануваа светската читателска јавност ‒ уште првиот роман Мојата генијална другарка привлече вистински култ следбеници што со нетрпение го очекуваат секое наредно продолжение. Вториот дел, Приказна за новото име, ја продолжува турбулентната приказна за пријателството меѓу Елена и Лила, нивниот премин од девојчинство во светот на жените и спротивставените патишта по кои ги води судбината. Романот наедно го истражува и самото пишување ‒ прашањето за авторството, моќта на гласот на авторот и неговата одговорност.

Побарајте ја Приказната за новото име на македонски јазик на Саемот на книгата на штандот на ТРИ!

« Назад