EЛИФ ШАФАК Ѝ СЕ ПРИДРУЖУВА НА „БИБЛИОТЕКА НА ИДНИНАТА“

31.10.17

Елиф Шафак

Елиф Шафак, еден од најмоќните гласови на светската книжевната сцена, чиј ексклузивен македонски издавач е ТРИ, стана дел од еден необичен проект насловен како „Библиотека на иднината“. Станува збор за проект во чии рамки секоја година се избира по еден автор кој се согласува неговото дело, напишано специјално за овој проект, да биде објавено по сто години, во далечната 2114 година! Она што е исто така интересно е што делата ќе бидат отпечатени на хартија направена од дрвјата кои пред три години ги посади шкотската уметница Кејти Патерсон, авторка на овој проект.

По Маргарет Атвуд, Дејвид Мичел (авторот на „Атлас на облаците“) и Сјон (исландски текстописец, поет и романсиер, автор на „Сината лисица“), Шафак е четвртиот автор чие дело ќе биде отпечатено по 97 години. Дотогаш дрвјата насадени за оваа цел во шумата близу Осло ќе бидат доволно пораснати за да бидат исечени и од нив да се направи хартијата на која ќе бидат отпечатени делата кои сега се во ракопис. Дотогаш тие ќе бидат чувани во сеф и никој нема да ја знае нивната содржина.

Шафак изјави дека е почестена што ќе им се придружи на Атвуд, Мичел и Сјон во проектот „Библиотека на иднината“. „Се работи за мошне необичен проект, покренат од срце и по многу размислувања – има толку многу верба во него“, изјави таа. „Целата оваа идеја за пишување книга која, се надевам, ќе биде прочитана во иднина за мене е како сега да напишам писмо и да го пуштам по некоја река. Не знаете каде ќе отплови и кој ќе го прочита – вие само верувате во текот на времето“.

Во меѓувреме, доколку сакате да се запознаете со творештвото на Елиф Шафак, нејзините книги можете да ги најдете во Книжарниците ТРИ и онлајн на следнот линк.

« Назад