Казуо Ишигуро ‒ добитник на Нобеловата награда за литература за 2017

05.10.17

Шведската академија одлучи годинешната награда за литература да му ја додели на познатиот англиски писател со јапонско потекло ‒ Казуо Ишигуро, авторот на романите На крајот од денот и Никогаш не оставај ме, оценувајќи го неговото раскажување како „внимателно воздржан начин на изразување, независен од настаните што се случуваат“.

Роден е на 8 ноември 1954 г., во Нагасаки, Јапонија. Неговото семејство се преселило во Англија кога имал пет години. Дипломирал на Универзитетот во Кент, а магистрирал на Универзитетот во Источна Англија, на отсекот за креативно пишување. Автор е на седум романи, четири сценарија и на повеќе куси раскази. Добитник е на наградата Витбред за романот Уметник во свет што лебди, во 1986 г., Орденот на Британската Империја во 1995 г. и францускиот Орден на уметноста и литературата во 1998 г. Списанието Тајм го вбројува неговиот роман Никогаш не оставај ме во листата 100 најзначајни романи на англиски јазик од своето основање, а Ишигуро меѓу „50 најголеми британски писатели од 1945 г. до денес“. Во 1989 г. токму за својот трет и најпознат роман На крајот од денот Ишигуро ја доби Букеровата награда.

Во современата литература особено интересен феномен е гласот на писателите со вкрстена културна заднина, каков што е Казуо Ишигуро – британски писател и сценарист со јапонски корени. Јавноста во неговата родна земја несомнено е разочарана поради тоа што номинираниот Харуки Мураками повторно не ја доби наградата. Ишигуро е 114-от добитник на Нобеловата награда за литература, надоврзувајќи се на великаните како Шејмас Хини, Тони Морисон, Мо Јан и Пабло Неруда.

« Назад