Неколку (неочекувани) лекции за успехот од Мураками

10.9.15

Харуки Мураками е еден од најчитаните и најпопуларните писатели во светот. Веројатноста да сретнете некој кој ја нема прочитано Норвешка шума, или 1Q84, Кафка на брегот или Спутник љубов е еднаква скоро на нула. Многумина мислат дека пишувањето е лесна работа. Но за Мураками тоа е навистина тешка задача. Бара многу пожртвуваност и истрајност. Истите принципи што ги применува во пишувањето, ги применува и во трчањето, во бизнисот и во животот. Од нив може да извлечеме неколку корисни лекции за успехот.

Генијалноста на Мураками лежи во неговата дисциплинираност, сосредоточеноста и решителноста. Многумина го доживуваат речиси како зен-учител ‒ олицетворение на мудроста, страста, умешноста и исклучителната волја.

Најдете ја својата страст и држете се до неа

Мураками доцна ја открива својата животна определба: првото дело го напишал на дваесет и деветгодишна возраст. Соочен со изборот меѓу својата работа и писателската кариера, иако иднината му била неизвесна, се одлучил за пишувањето и го продал својот џез-бар. Набргу откако се сосредоточил на пишувањето со полно работно време, сфатил дека прозата му страда затоа што не е во форма. Денес е маратонец и трча секој ден.

Поентата е следната – секој почетен бизнис се соочува со избори. Клучно е да се определите, да се фокусирате и да дадете сè од себе. Секогаш ќе има пречки, но ако знаете кон што се стремите – ќе успеете да ги надминете.

Фокус, издржливост, истрајност!

Ако го прашате Мураками кој е најважниот квалитет за еден писател, тој ќе рече: фокусот – способноста да ги сконцентрирате сите свои таленти на она што има исклучително значење во моментот. По фокусот, следното најважно нешто е издржливоста. Токму овие две дисциплини – фокусот и издржливоста – можат да се усовршат и изострат преку тренинг. Фокусирајте се на едно нешто, секој ден, посветете доволно внимание на тоа и ќе ги извежбате концентрацијата и издржливоста. Постепено, ќе ги зголемите своите граници и ќе ги надминете ограничувањата. Додајте стимуланс и продолжете. Повторете. Трпението е клучно во овој процес, но според него, резултатите се неизбежни. Сеедно дали станува збор за пишување, за трчање или за бизнис цели – фокус, издржливост, трпеливост и посветеност се клучните нешта.

Започнете го секој ден исто и завршете први

Животот на Мураками е рутина. Кога пишува, станува во 4 часот наутро, работи 5-6 часа, трча 10 км или плива  1.500 м (или и двете), потоа чита малку и слуша музика. Си легнува во 21 часот. Оваа иста рутина ја одржува секој ден, без исклучок и без варијации. Според него, повторувањето е исклучително важна работа; тоа е вид на хипноза. „Се хипнотизирам себеси за да достигнам подлабока состојба на умот“.

Поентата е во тоа да не се откажувате. Секој ден да го дадете максимумот. Без разлика на она што ќе ви се испречи на патот, продолжете понатаму. Бизнисот и успехот се како трчање маратон со пречки. На почетокот се напорни. Ако трчате пребргу, ќе прегорите. Многумина млади претприемачи мислат дека стартапот е како спринтот, дека се тркате од почетокот до целта. А всушност, стартапите се како маратоните. Тоа го знае и Мураками – го дисциплинира телото за да го дисциплинира умот. Со своите 66 години, сè уште редовно трча маратони и учествува во триатлони.

Држете се до она што го знаете

Пред да стане писател, Мураками го имал својот џез-бар. Тој е страстен и исклучителен познавач на џез-музиката. Дури откако ќе ги напише своите два романа и тие ќе постигнат исклучителен успех, решава да го продаде успешниот бизнис и целосно да се посвети на пишувањето. Односно, дури откако е сигурен дека она што го прави е вистинскиот чекор, дека може и знае како да биде успешен, тој решава целосно да му се посвети.

Голем број луѓе и компании ја прават истата грешка и скокаат во подвизи за кои не се доволно упатени. Некои успеваат, но повеќето никогаш не успеваат. Подобро е да основате компанија на полето за кое сте стручњак или за кое имате доволно познавања. Тоа ќе ви даде авторитет и ќе ви биде гаранција дека не си го трошите залудно времето.

Никогаш не застанувајте и секогаш барајте инспирација

Да мислите дека знаете сè, дека сте апсолутен експерт во вашата област, дека сте го достигнале врвот и дека не постои повеќе ништо што може да се научи или доусоврши – тоа е најголемата грешка според Мураками. Секогаш трудете се да бидете отворени кон светот и новите нешта. Да ги поместувате сопствените граници, да се поттикнувате понатаму сè повеќе и повеќе. Тој тоа често го споредува со трчањето. По првите неколку истрчани маратони, тој не застанува на тоа. Оди на уште потешки и подолги маратони, за денес да учествува и во триатлони!

Исто е и со секој бизнис. По првиот постигнат успех, потребен ви е нов импулс не само за да го одржите успехот туку и да постигнете многу повеќе. Бидете подготвени да промените некои работи, да научите нови нешта, да работите со страст и да бидете креативни. Нема успех ако не ги тестирате сопствените граници. Почетниот бран на креативност нема да ве одведе далеку. Стремежот и волјата никогаш да не се застанете се она што ќе ви ги оствари соништата.

 

« Назад