ФРЕДЕРИК БЕГБЕДЕ: „МЛАДОСТА Е ИЗГУБЕНА УТОПИЈА“

25.4.17

Господине Бегбеде, во вашето последно дело пишувате за делумно фиктивна љубовна приказна која трае неколку децении меѓу познатиот писател Џ. Д. Селинџер и Уна О’Нил. Дали би го опишале вашето дело како љубовна приказна или приказна за созревањето?

– Сакав да напишам љубовна приказна, но не сум сигурен дека успеав. Сум се обидел и порано, но никогаш не успевам.  

Зошто мислите дека не сте успеале?

– Кога открив дека Селинџер, когошто го обожавам, имал љубовна врска со Уна О’Нил, ќерката на познатиот драматург Јуџин О’Нил, веднаш ме заинтригира таа приказна. Тие биле млади, интелигентни, посакувани и убаво изгледале, сите состојки кои се потребни за една добра љубовна приказна. Излегувале во популарни клубови и биле опкружени со познати луѓе. Помислив дека може да излезе од тоа некоја приказна што би наликувала на роман на Фицџералд. Но колку повеќе истражував толку повеќе откривав дека се работи, всушност, за многу драматична и болна приказна.

Селинџер ги напуштил Уна и Америка за да се бори во Втората светска војна, додека пак таа заминала за Холивуд и се венчала за Чарли Чаплин, во 1943 година.

– Токму така. Се обидов да напишам љубовна приказна, но претпоставувам дека низ нарацијата се провлекува и ужасот на војната и како таа може да влијае врз личноста.

Кога Селинџер заминува за Европа, станува јасно дека избираат различни животни патишта. Сепак, во последното поглавје правите повторно да се сретнат на некој начин. Зошто?

– Да, првиот дел од книгата ја обработува младоста и безгрижната љубов, а последниот дел претставува две личности кои се во последната фаза од своите животи. Претпоставувам дека книгата ги обработува и љубовта и стареењето. Секогаш било многу трогателно за мене кога ќе се сретнат поранешни љубовници долго време откако завршила нивната приказна. Има некој вид носталгија и меланхолија во тоа која ми е примамлива. Крајот на книгата е измислен, се разбира, не знам дали повторно се сретнале.

Меѓутоа, се надевате дека тоа се случило!

– Се разбира! Книгата го обработува исто така и концептот за паралелни животи. Кога ќе се сретнеме со некого и ќе се заљубиме, сакаме да веруваме дека е тоа судбина, дека ни било судено да бидеме заедно. Но, истовремено, тој пат, таа релација исклучува многу други можности и како што старееме, почнуваме да се прашуваме дали тие алтернативни патишта можеби ќе нè однеле до нешта кои би нè направиле посреќни од патот што сме го избрале. Романите се, меѓу другото, тука за да ги создадат одново тие можности. Читаме за да ги откриеме нашите паралелни животи.

Да го обмислите животот таков каков што би сакале да биде. Дали тоа е вашиот мотив како писател?

– Тоа е точно за голем број од книгите кои сум ги напишал, но со оваа сакав само да ги претставам Селинџер, Уна, Труман Капоти, Ернест Хемингвеј и сите други ликови кои се појавуваат во книгата. Забавно е за момент да се преправаш дека си некој друг, некој комушто му се восхитуваш.

Дали повеќе сакавте да се преправате дека сте Уна или Селинџер?

– Уна, се разбира!  Тоа е многу позабавно. Сите момчиња полудуваат по тебе, славна си без да си направила нешто за да го заслужиш тоа, тоа е супер!

Во книгата опишувате и како Селинџер се запознава со Уна и нејзиното друштво, во кое се вбројува меѓу другите и Труман Капоти, и како тие ги дискутираат романите на Ф. Скот Фицџералд. Додека ги опишувате овие сцени, се чувствува некој вид носталгија од ваша страна кон таа „златна доба“ на интелектуалната елита. Можеби нашето време нема таков вид интелектуални авторитети?

– Да, има носталгија, но не верувам дека повеќе немаме големи интелектуалци, имаме! Организираат книжевни средби, дискутираат за романи, па и дебатираат. Скоро бев во Берлин и ја имав среќата да се запознам со големиот Џејмс Елрој во ресторанот „Borchardt“. Такви случајности сè уште се случуваат. Но имате право дека статусот на писателот е многу опаднат, како и самата важност на книгите. Книгите исчезнуваат сè повеќе и со тоа и писателите не ја имаат истата важност што ја уживале во четириесеттите години од минатиот век. За мене, важно навестување за ова што го зборуваме е тоа што Уна го напушта Селинџер за да биде со филмска ѕвезда кој подоцна ѝ станува сопруг, Чарли Чаплин.

Во едно скорешно интервју кое го дадовте по повод вашиот роман „Уна и Селинџер“, се изјаснивте дека со оваа книга сакате конечно луѓето да ве сфатат сериозно. Зошто мислите дека луѓето не ве сфаќаат сериозно?

– Можеби различно ме гледаат во странство, но не и во Франција! Во Франција многу често гостувам на телевизиски емисии и често се исмевам самиот себе. Луѓето понекогаш мислат дека сум будала, којзнае, можеби и сум. Но писателите не сакаат да создаваат слика за себе врз основа на својот карактер, туку врз основа на своите книги. Не ми пречи да бидам „enfant terrible“ сè додека публиката ги чита моите дела и ги сфаќа сериозно. Тоа е полесно во други земји бидејќи луѓето немаат однапред создадена слика за моите дела, не ги судат врз основа на моите карактерни црти.

Дали е понекогаш полесно да се поврзете со странска публика?

– За мене, не постои странска читателска публика. Кога сум во Германија или во Шпанија, сепак се чувствувам како дома. Се сметам себеси за европски писател и сакам овој континент да се унифицира. Не разбирам зошто Соединетите држави на Европа сè уште не се реалност. Виктор Иго пишуваше за ова пред околу 150 години, а сè уште ги немаме надминато пречките.

Слично е како и со романтична релација: се има чувство на заедничка припадност и привлечност, но истовремено, секоја страна има потреба за свој простор и време.

– Точно! Но навистина се надевам дека оваа љубовна приказна ќе има среќен крај!

 

Доколку сакате да го прочитате целосното интервју на англиски јазик, продолжете на интернет-страницата на HuffingtonPost.

« Назад