Интервју со Франсеск Миралјес за новата книга Икигаи – јапонската тајна за долг и среќен живот

31.3.17

– Ова е твојата трета посета во Македонија. Кои се твоите впечатоци за земјата, културата и народот?

Многу ја сакам Македонија и вашиот народ. Скопје е космополитски град со многу мили и интересни луѓе.

– Досега твојот творечки опус се состоеше главно од романи. Што те поттикна да се зафатиш со есејот како форма?

И порано сум пишувал есеи, но не биле преведени на македонски. Покрај тоа што сум романсиер, јас сум и новинар на полето на психологијата и духовноста, па важен дел од работата е да истражувам и да пишувам на овие теми, како на пример за весникот „Ел Паис“ и за други медиуми.

– Можеш ли да ни го објасниш творечкиот процес на оваа книга?

Сè започна кога заедно со мојот пријател Хектор, кој веќе 12 години живее во Токио, дојдовме до сознанието дека највисоката старосна граница во светот е токму во Окинава. Го откривме „селото на стогодишниците“ и отпатувавме таму да ги интервјуиравме овие мајстори на уметноста на живеењето.

– Може ли да ни ја објасниш филозофијата на икигаи, и што те поттикна да ја истражуваш оваа тема?

Икигаи значи да си постојано зафатен, да не се откажуваш од работите што ги сакаш. Ако го сакаш она што го работиш, ќе сакаш да живееш уште многу години.

– Може ли да ни го појасниш струењето како концепт? Како дојде до овој начин на достигнување на икигаи?

Луѓето што ѝ се посветени на својата пасија, на своето икигаи, струјат низ работата со толкав интензитет што времето престанува да постои за нив. Тоа е, всушност, струењето.

– За време на твојот престој на Окинава ги интервјуираше жителите за нивните навики и нивното секојдневје. Што од сето тоа ти остави најсилен впечаток?

Целото искуство беше неверојатно, овој стар народ умее да живее мошне убаво и едноставно, во постојана активност и во постојан допир со пријателите.

– Во својата книга спомена дека сте ги снимале жителите со намера да направите документарен филм. Дали е веќе објавен?

Да, читателите можат да го најдат на Јутјуб. Тоа е осумнаесетминутен документарен филм, засега само со шпански титл.

– Во филозофијата на икигаи голем акцент се става на сосредоточеноста на сегашниот миг, што мошне тешко се постигнува во ова брзо секојдневје. Што би бил твојот совет, како ти го постигнуваш тоа?

Посветете се само на едно нешто во дадениот миг. Правете го како што треба, со целосно внимание и со сета страст.

– Во книгата се нагласува и важноста да се негува посветеноста кон заедницата, заедништвото. Како сметаш дека може да се постигне тоа во големите градови?

Преку учествување во проекти од голема важност за заедницата. Преку заедничкото работење во хуманитарни организации, помагањето на децата и на постарите. Таму ќе сретнете луѓе со слични интереси и вредности.

– По опсежното истражување и целото искуство на Окинава, како ти ја сфаќаш филозофијата на икигаи? Што е твоето икигаи?

Секој човек има свое, единствено икигаи. Во овој период од животот, моето икигаи е да ги инспирирам луѓето и да ги поттикнам да ја реализираат својата дарба.

– Дали работиш на нова книга? Кои се твоите идни планови?

Во подготовка е практичниот водич за икигаи, што ќе излезе во септември во Шпанија.

 

 

 

« Назад