2666 НА РОБЕРТО БОЛАЊО

29.1.16

Иако доцна се определил за „опасната професија“ да пишува, кога почина на педесетгодишна возраст во 2003 г., Роберто Болањо веќе беше книжевна ѕвезда  во шпанското говорно подрачје. А по култниот статус што го зазеде романот 2666 на светската книжевна сцена, Болањо се смета за најважниот латиноамерикански писател по Габриел Гарсија Маркес.

Романот 2666 е пресвртница во книжевноста. Тоа е гигантски роман што се состои од пет дела, од кои секој може да се чита независно (што всушност и му била првобитната замисла на Болањо, имајќи ја на ум и поголемата продажба што тоа би ја остварило). Во него, четворица книжевни критичари се среќаваат трагајќи по еден мистериозен германски писател по име Бено фон Арчимболди. Потрагата ги води во Санта Тереса, град во северно Мексико во кој стотици жени биле убиени во последните неколку години. Во дејството се испреплетуваат и други судбини – професорот по математика Амалфитано и неговата очигледна криза, афроамериканскиот новинар Квински Вилијамс, кој доаѓа во Санта Тереса за да покрие еден боксерски меч... И најпосле, животот на Арчимболди како германски војник во Втората светска војна, а потоа и како писател кој талка низ Медитеранот – кој можеби е поврзан со Клаус Хас, можниот сериски убиец во Санта Тереса.

Покрај обемот, овој амбициозен потфат е впечатлив и по својата грозоморност и инвентивност. Тоа е Болањовата визија за пеколот – детални описи на силувања и убиства на жени што се нижат на цели 300 страници напишани во манирот на полициски извештаи. Всушност, Санта Тереса се базира на мексиканскиот град Суидад Хуарез, во кој навистина исчезнале стотици жени без објаснување. Ова дело претставува кршење на долгогодишната традиција на магичниот реализам што преовладува во шпанската литература и поставува една сосем нова тенденција на „инфрареализам“, а тука книжевноста се поима како хаос што го одразува светот.

А необичниот наслов? Впрочем, 2666 не се споменува никаде во книгата – можеби е година од иднината, а според една теорија, можеби е библиското време меѓу Адам и Егзодусот. Во романот долго се талка во пустината, но конечниот суд на Болањо веројатно е дека сè уште нема трага од ветената земја. Едно е несомнено – исто како Орвеловата 1984, и 2666 ќе ја надживее годината од насловот, а по тестот на времето, можеби токму Болањо, а не Маркес, ќе се смета за најголемиот латиноамерикански писател на XX век.

« Назад