Индиго Бомбај

Индиго Бомбај

Цена: 299,00ден
299,00ден

Најновиот, четврти роман на Јагода Михајловска-Георгиева - „Индиго Бомбај” е подеднакво значаен како белетризација на деликатниот општествен, транзициски (и не само таков!) контекст од којшто произлегува, но и како автентично и суверено книжевно, уметничко дело кое раскажувачки одлично функционира и без предлошката на актуелноста, (де)табуизирањето, врисокот на молкот и отклучувањето на многуте лични (и не само такви!) катинари.

„Индиго Бомбај” е роман со кој за прв пат во македонската книжевност се отвораат прашањата за трансплантација, за донација или продавање на внатрешни органи, за сиромаштијата наспроти здравјето, за здравјето наспроти моралот; но не и роман кој „смета” и „калкулира” со сето тоа пред потенцијалниот читател. Иако од „Индиго Бомбај” се очекува да биде многу читан, тој е најмалку хит роман во една евтина сензационалистичка смисла. Дури, напротив, овој роман е и може да биде се друго, освен добро продадена ударна вест по теркот на нашето стресно секојдневие: љубовен, плотен, надоместлив, роман-коректив на реалноста, роман-хоризонт со раширени и умножени аспекти на погледите.
Од две вистини, полека, стрпливо и мошне, мошне вешто составува една книжевна вистина, поголема и постварна од стварноста. Во исто време (наше), на исто место (Бомбај), се проследуваат две, навидум крајно различни судбини: онаа на Ана, сензибилна туристка во Индија, и Гаруда, млад Индиец решен да го продаде својот бубрег за да ја извлече мајка си од несносната сиромаштија. Пред да почне да ги поврзува Бистарај, еден од најпривлечните и најеротизирани машки ликови во поновата македонска книжевност, Ана и Гаруда ги поврзуваат боите, звуците, мирисите, „заталканите” или „глувите” дијалози што истекуваат од поглавјата за едниот во поглавјата за другиот... По нивното „наоѓање”, бестелесната љубов на Бистарај на различен начин ги оплодува и едниот и другиот,.. и романот, воопшто. Сите нешта во најновиот роман на Јагода Михајловска-Георгиева, и живи, и неживи, имаат по повеќе од едно име: Бистарај е и Чандралока, Ана е и Ананда Маи, Гаруда е и Бела Птица, обичниот кафез за птици е и крлетка... Наспроти ова, самиот роман, пак, има само едно единствено и вистинско име, а тоа е - Љубов.

Напишете ваш коментар