×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




ФИЛИС РОУЗ, ПРУСТ И ЗАГУБЕНИОТ РАЈ

ФИЛИС РОУЗ, ПРУСТ И ЗАГУБЕНИОТ РАЈ

          Пред петнаесетина години, еден тогашен пријател и колега ми ја позајми Паралелни животи (Parallel Lives) од Филис Роуз. Оваа книга е хроника на пет викторијански брака, и тоа на Томас Карлајл, Џон Раскин, Џон Стујарт Мил, Чарлс Дикенс и Џорџ Елиот. Паметам дека деноноќно ја читав книгата и дека кога ја завршив, почнав да им ја давам на други мои пријатели. Не се сеќавам дали некогаш му ја вратив на пријателот, но се сеќавам дека си купив сопствена за да ја зајмувам наоколу. Им ја дадов на родителите, кои толку се воодушевија што решија да ја чуваат кај нив дома „за да не ја изгубам“, на што тие не се сеќаваат. Во меѓувреме, купив уште два примерока: еден за мене и моите белешки, а еден за позајмување. Ја пратив и на повеќе пријатели низ светот.

            (Неповрзана белешка: има уште една книга со која го правам тоа – Солун, град на духови од Марк Мазовер. Пред некој месец мојот грчки уредник, Лефтерис, ми ја подари истата книга, со што се затвори еден убав круг.)

            Еден од многуте пријатели когошто го запознав со Паралелни животи е Стив, кој во тој миг го препрочитуваше Дикенс. Му реков дека во приватниот живот Дикенс бил идиот, а потоа му ја пратив книгата. Стив ја проголта, призна дека тоа за Дикенс било точно, а потоа ја изгугла Филис Роуз и виде дека имаат слични фасцинации: Филис напишала мемоари што се викаат Годината на читање Пруст, додека Стив само што заврши со неговата година во која го читаше францускиот автор. Стив ја обожава Вирџинија Вулф и може да ви го изрецитира целото второ поглавје од Кон светилникот, кој го научи напамет во првата година од пандемијата. Првото дело на Филис, објавено во 1978 година, е биографија на Вирџинија Вулф, книга која Стив исто така ја проголта. Стив ги сака фотографиите на Алфред Стиглиц, за кој Филис има напишано биографија. Додека ја истражувал Филис, Стив дозна дека живее на Ки Вест во Флорида и изрази желба да ѝ прати картичка во знак на благодарност.

            Ѝ се јавив на поранешната агентка, Алекс, и ја прашав дали може да ми ја најде адресата на Филис, со надеж дека нема да помисли дека сум манијак. Испадна дека Алекс е еднакво голема обожавателка на делата на Филис, па веднаш ми ја прати нејзината адреса. Стив ѝ пиша; Филис одговори. Двајцата многу се возбудивме, како вистински фанови, и малку како тинејџери.

            Па кога со Стив го осмислувавме патувањето низ Флорида, ме потсети дека Филис живее „блиску“ (далечините во САД се релативни) и дека можеби треба да ѝ пишам и да ѝ кажам дека доаѓам на Флорида и дека имам желба да направам интервју со неа. „Којзнае“, рече Стив, „може и да те викне на гости.“ Не верував во тоа, ама собрав сила и ѝ пратив мејл со наслов „Поздрав од читателка“. Ми напиша дека многу би сакала да се запознае со нас, но дека оди на пат со семејството кон крајот на март. Можеби, ако дојдеме претходно, „можам да ви понудам место за преспивање, вино и добри ракчиња, како и квалитетен разговор“. Се разбира, не ни требаше време да размислиме дали ќе ја прифатиме поканата.

Пази, Исус те гледа

            Од куќата на Пем во Орландо, Стив планира да стигнеме долу на југ до архипелагот Флорида Ки, каде што планираме да преноќиме во Ки Ларго пред да  продолжиме на долгото патување до Ки Вест, кој се наоѓа на самиот крај на архипелагот. Стив предлага да ручаме или вечераме во некој од државните паркови или плажи по патот. Не ми е јасно што му значи тоа „државен парк“ или, пак, како се организирани плажите на Флорида. Стив е виток и здрав и не сака да јаде по ресторани, ниту да консумира брза храна, освен повремено во Taco Bell, нешто што ме радува зашто и јас имам слабост кон овој текс-мекс синџир. Пред да тргнеме, ја полниме колата со храна од Whole Foods (супермаркет за поздрава храна, т. е. за несиромашни луѓе. Подоцна дознав дека припаѓа на Амазон). Покрај шејкерот за мартини, чашите и шпанските маслинки, специјалната опрема за патување на Стив вклучува и дрвен сад за салата, платнени салфетки, чинии и прибор.

            Исто како и јас, и Стив не ги сака преполните американски автопати, па на навигацискиот систем му даваме задача да нѐ вози по споредните патишта на Флорида. Под совозачкото седиште Стив фрлил книга со истиот наслов (Споредните патишта на Флорида). Неколкупати ми споменува дека треба да ја читам додека патуваме, но знам дека нема да имаме време за тоа, зашто и двајцата многу брбориме, а и не можам да читам во кола. Сепак, сфаќам дека „спореден пат“ не е мало патче полно со дупки како што си замислував. Тоа е нормален, прав пат со две ленти на кој можеш да возиш со умерена брзина и кој те носи низ мали гратчиња, населби и низ широки пасторални пејзажи со крави што пасат. Насекаде има зимзелени дрвја, дабови и чемпреси обраснати со шпанска брада (тинладсија), а во секое гратче низ кое проаѓаме гледаме по три-четири цркви наредени на главната улица („за секој баптист по нешто“, вели Стив), како и многу американски знамиња пред вратите на ниските куќи. На речиси секоја раскрсница стои продавница за еден долар (во која наводно сѐ внатре чини по еден долар, што не е точно), како и црвеноглави мршојадци. И многу, многу бензински пумпи.

            Бензинските пумпи среде пустелии ме потсетуваат на песната од Елизабет Бишоп Бензинска пумпа. Гратчињата низ кои минуваме се сиромашни и валкани, како и пумпите. „Оф, но колку е валкана!“[1] во глава ми одекнува првиот стих од песната. Застануваме на една сомнителна пумпа во езерското гратче Кенансвил за уште посомнително кафе и за да одиме во тоалет. Како и повеќето јавни тоалети низ Флорида, и овој е простран и приспособен за луѓето со посебни потреби. Штом ја отворам вратата, пред мене гледам едно дрвено шкафче. Големо пластично шише полно со сина течност за чистење стакло стои на едната полица, како и спреј со освежителен мирис. А најгоре, мала поставка: минијатурно црвено килимче и минијатурна гарнитура за во двор што се состои од пластична плетена масичка и двосед. Целата минијатурна масичка е зафатена од една украсна чаша со нормална големина во која стојат бели и розови пластични цветови. Веднаш до неа, врз бледожолтиот ѕид, е заелепен фотокопиран лист во проѕирна пластична папка. „ВЕ МОЛИМЕ НЕ ГИ КРАДЕТЕ УКРАСИТЕ“ пишува на него, со подвлечени букви. „НА ПР. Цвеќе, Венец, Мечиња, Свеќи...ИТН“, продолжува. Под текстот стои црно-бела слика од нордиски Исус со десната рака во знак на благослов, и една центрирана реченица напишана со задебелени букви: „Што би направил Исус???“

            Од десната страна на дрвеното шкафче се веце-школката и лавабото. Над школката стои уште еден знак во проѕирна пластична папка. Овде гледаме слика од Исус како држи јагне во рацете и љубовно го гледа, а под неа зборовите „ВЕ МОЛАМ НЕ ГИ КРАДЕТЕ ТОАЛЕТНИТЕ ПРОИЗВОДИ НА ПР. тампони, влошки, освежувач...ИТН“ со идентичен распоред како на претходниот лист, а под тоа: „Пази, Исус те гледа“.

            „Што ќе им е излишното цвеќе? / Што ќе им табуретката? / Што ќе им е, што ќе им е милјето?“[2] си мислам и насмеано излегувам од тоалетот. Тргам кон касата, каде што касиерката ме пресретнува со насмевка додека плаќам за моите Reece’s чоколатчиња со путер од кикиритки, омилениот сладок грев на Стив. „Некој нѐ сака сите“, си мислам. 

[1] Стихови од Бензинска пумпа според необјавен препев на Магдалена Хорват.

[2] Исто.

Извадок од збирка есеи што наскоро излегува од печат!